Холандија ја победи Германија со 28:27 во меч на кој тимот што победи на крајот немаше многу причини за радост. На Холанѓанките им беше потребен триумф од минимум два гола за да може да ги задржат шансите да влезат во полуфиналето. Со епилогот од денешниот меч, Лалињата максимум може да бидат трети во групата и да се борат за петото место на континенталниот собир.
Германија водеше во поголем дел од мечот, но во завршницата, Холандија од 23:24 стигна до 27:25, а потоа и до 28:26. Панцерите намалија на 28:27, а во последната минута имаа два напади, имаа шанса и за нерешено, но феноменална на голот на Холандија беше Тес Вестер.
Голманката на Холандија имаше две феноменални одбрани, а посебно плени одбраната во последната секунда, кога одлично се постави и топката заврши во нејзиното лице. Иако тоа беше болен удар, Вестер не се уплаши и одбрани за да му донесе победа на нејзиниот тим, кој за жал остана без шанси за полуфинале.
WATCH: @tessiewester saves the match for @nedteamhandbal 🇳🇱 🔥🔥#ehfeuro2020 #handballispassion pic.twitter.com/2dbVdJ5poo
— EHF EURO (@EHFEURO) December 14, 2020
Во вториот денешен меч, Унгарија со 26:24 ја победи Романија, во меч на две селекции кои немаат шанси за влез во полуфиналето.
Утре, на ЕП се играат дури шест меча, по што ќе биде познат конечниот пласман во двете групи. Ќе играат: Црна Гора – Шпанија, Холандија – Романија, Франција – Шведска, Хрватска – Германија, Данска – Русија, Унгарија – Норвешка.