Гостувањето кај Рогашка од 19 часот, за екипата на МЗТ Скопје Аеродром е добар тест во втората АБА лига бидејќи словенечкиот тим е непоразен на свој терен. Рогашка има скор 3-5 и секогаш победуваше дома, а секогаш губеше на гости. МЗТ е на 6-2, на претходното гостување во Словенија на драматичен начин испушти победа, па сега има поправен.
„Рогашка игра одлично дома. Применуваат повеќе варијанти на комбинирана одбрана и тоа ги прави незгодни противници. Ние секако одиме на победа, свесни дека нè чека тешка борба, но се надевам дека ќе влеземе со правилен пристап и тоа ќе ни ја донесе драгоцената победа“, изјави тренерот Ѓорѓи Кочов.
Сличен рецепт за триумф има и капитенот Дамјан Стојановски.
„Знаеме дека Рогашка е незгодна, особено дома, но сакаме да продолжиме со добрите игри во АБА 2. Ќе мора да дадеме максимум ако сакаме да ја продолжиме победничката низа“, вели Стојановски.