Во македонското фудбалско првенство заврши есенскиот дел, а најголема непознаница е дали и како најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ќе продолжи во пролетната полусезона. И додека во Вардар владее беспарица, од таборот на српскиот првак Црвена ѕвезда, се пофалија за успесите.
Генералниот директор на Црвена ѕвезда, Звездан Терзиќ како за крај на 2020 година ги сумираше големите успеси кои овој клуб ги направи во претходните неколку сезони. Терзиќ се пофали дека за шест и пол години, Црвена Ѕвезда заработила 130 милиони евра.
„Сакам да потсетувам, за да не се заборави. Кога дојдов во клубот реков дека не барам подршка, ниту пари, туку само време за да ја направиме Ѕвезда повторно да биде голема. Се надевам дека успеавме во тоа. Го направивме најголемиот успех на клубот во последните 25 години. За шест и пол години во клубот успеавме да донесеме 130 милиони евра. Не знам на колку компании во Србија им успеало тоа. Само за даноци, на државата и плативме 25 милиони евра, вложивме седум милиони евра во инфраструктура. Во овој период сме во плус од 20 милиони евра“, сумира Терзиќ.
Првиот човек на Ѕвезда потсети дека во изминативе неколку сезони тимот направи големи успеси на меѓународна сцена, додека на домашен план е повторно атак на шампионската титула.
„Четири пати игравме во групната фаза од натпреварувањата на УЕФА и доведовме големи клубови како Арсенал, Ливерпул, ПСЖ, Тотенхем, Баерн Минхен, Наполи, а сега ќе дојде и Милан. Два пати бевме дел и од европската пролет и за крај во име на солидарноста и резултатите во Европа, донесовме осум милиони евра за развој на нашиот фудбал во целата земја“, заврши Терзиќ.