Спортскиот директор на Пари Сен Жермен, Леонардо, синоќа го информирал тренерот Томас Тухел дека клубот решил да се раздели со него, а иако од ПСЖ уште нема официјална потврда дека Тухел е сменет, веќе почнаа шпекулации кој ќе биде новиот тренер на тимот кој е амбициозен и атакува на титулите во Франција и Лигата на шампионите.
Првиот човек на ПСЖ, Насер Ел Келаифи, одлучил нов тренер на Светците да биде Маурисио Покетино. Аргентинскиот стручњак во 2019 година со Тотенхем дојде до финалето на ЛШ, а во ноември истата година беше разрешен.
Покетино од 2001 до 2003 година играше за ПСЖ, а сега е на пат да стане и тренер.
Задача ќе му биде одбрана на титулата во Франција, елиминација на Барселона во осминафиналето на ЛШ и што подолг престој во најсилното натпреварување во Европа, а некои мислат дека ова е обид на ПСЖ за привлекување на Меси.
Како кандидати за тренерското место се спомнуваат и Масимилијано Алегри и Тијаго Мота, но клубот веќе е во напреднати преговори со Покетино и тој е прва опција.