Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, најави дека Игор Ангеловски е главен кандидат за продолжување на селекторската позиција и тој ќе ја предводи Македонија на ЕП идната година, освен ако не биде постигнат договор за продолжување на соработката.
Во таква варијанта, Сејдини индиректно најави дека Боби Милевски би бил нов селектор на Македонија.
„Ангеловски има актуелен договор до крајот на годинава, или уште два дена. Потоа ќе разговараме и ако не се случи нешто непредвидено, ќе ја продолжиме соработката и Ангеловски ќе ја предводи репрезентацијата и на Европското првенство. Сакам уште еднаш да му се заблагодарам за успехот и пласманот на ЕП.
Не сакам да шпекулирам за некаков план Б, но мислам дека сите знаат кој би бил нов селектор ако не се договориме со Ангеловски“, изјави Сејдини.
Благоја Милевски е првиот наш тренер, или селектор со кого репрезентација на Македонија учествувала на Европско првенство.
Тој ја предводеше златната генерација младинци до 21 година на Европското првенство во Полска во 2017 година откако заедно со играчите приреди вистински подвиг и успеавме во квалификациите да бидеме први во нашата група, пред гигантот Франција, потоа и Исланд, Украина, Северна Ирска и Шкотска.
На ЕП загубивме од Шпанија со 0:5, одигравме нерешено со Србија 2:2 и претрпевме уште еден пораз, од Португалија со 2:4, во една од најтешките групи во Полска 2017.
Милевски и во моментов е актуелен селектор на младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година.