Оваа 2021 година македонската спортска јавност можеби ќе има прилика да навива за наши репрезентации на европски првенства во два значајни тимски спортови, покрај фудбалот, тука е и одбојката. Најдобрите македонски одбојкари се максимално фокусирани на остварување на целта, се жртвуваа и со пречек на новата година во хотелски соби, наместо дома со најблиските или на друго место.
Јануари ќе биде месец на одбојката, од 11-ти до 16-ти во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, македонската одбојкарска репрезентација во квалификациите за ЕП ќе игра по двапати со Турција и Босна и Херцеговина, со надеж дека ќе се најде на завршниот континентален собир. Тоа беше повод за интервју со најдобриот македонски одбојкар, Никола Ѓоргиев.
ШТЕТА ШТО ЌЕ НЕМА ПУБЛИКА, НО ИГРАЊЕТО ВО СКОПЈЕ Е ГОЛЕМА ПРЕДНОСТ
„Од моја гледна точка, мислам дека шансите за пласман на ново Европско првенство, ни се доста големи. Сè ќе зависи од нас. Мислам дека сме многу подобра репрезентација од БиХ, би требало двапати да ги победиме, а и против Турција верувам дека можеме да оствариме најмалку една победа. Нашата репрезентација е одлична, имаме квалитетни играчи. Играњето во Скопје секако претставува предност за нас, жал ми е што ќе нема публика, но ситуацијата во светот е таква каква што е, наложува играње пред празни трибини. Ние веќе се аклиматизиравме на салата, додека другите ќе имаат само еден ден, и сигурно дека за нас е голема предност која ќе треба да ја искористиме“ – вели играчот на турски Инегол.
„Нашата шанса ја гледам во двете победи против БиХ, дај Боже тоа да бидат победи од 3-0 или 3-1 кои ќе ни донесат по три бода. Ако освоиме 6 бода против Босанците, против Турција би играле послободно, и би се бореле за барем една победа. Со три победи, 100 проценти сме на ЕП, а можеби и две ќе ни бидат доволни“ – анализира феноменалниот поентер чии силни смечеви се добро познати во светот и можат да пробијат секаков противнички блок.
КОНТРОЛИТЕ СО БУГАРИЈА БЕА ОГРОМЕН ПЛУС
„Во овој период кога клупската сезоната е во тек, имаме и повеќе од доволно време за подготовки и воигрување. Не сме се собрале одамна, уште од Европското во Словенија пред една и пол година, ќе ни треба време да се пронајдеме, но двете контроли со Бугарија и уште двете кои ни претстојат со нив, плус тренинзите, сосема се доволни да влеземе спремни на турнирот и да бидеме на максимално ниво“ – смета струмичанецот.
„Двете пријателски средби со Бугарија во ова лошо време беа една феноменална работа, огромна благодарност до Одбојкарската федерација на Македонија која ни ги овозможи. Разговарав со Турците, Австријците, Босанците, тие нема да имаат никакви контролни мечеви пред турнирите во квалификациите. Не бевме спремни максимално, јас и брат ми дојдовме во Скопје на само еден ден пред мечевите, но задоволен сум од многу работи. Има работи кои мора да ги поправиме како играта во блок одбрана, селекторот го увиде тоа и на следните тренинзи пред патувањето во Софија ќе работиме на тоа. После враќањето од Бугарија, на турнирот во Скопје верувам дека ќе бидеме на 100 процентно ниво“ – оптимист е повозрасниот од браќата Ѓорѓиеви кои се дел од македонската репрезентација.
ДОЛГО ЧЕКАВМЕ ДА СЕ ПЛАСИРАМЕ НА ЕП, СЕГА ЛЕТВИЧКАТА Е ПОДИГНАТА И САКАМЕ КОНТИНУИТЕТ
„Сега сме многу поискусни отколку кога дебитиравме на ЕП, многу ни значеше тој пласман, долго се мачевме да се пласираме, јас лично од 2005 година чекав. Тоа ни беше големо искуство, но сега летвичката е подигната и оваа генерација мора да биде на секое ЕП. Со нашето знаење и квалитет, мислам дека ќе успееме. Го заслужуваме тоа, и цела држава заслужува повторно да нè гледа и да ги радуваме“ – вели Ѓоргиев кој пред еден месец се бореше со коронавирусот.
„Презадоволен од мојата моментна форма, имам одлична сезона во Турција. Имав мала пауза поради короната, ја прележав, и фала му на Бога излегов посилен од таа непријатност. Еве месец дена сум вратен на терен, одиграв седум официјални мечеви за клубот и два пријателски за националниот тим, засега здравствено сум одличен. Дај Боже да немам повреда и 2021 да ми биде успешна и на клупски и репрезентативен план“ – си посака Никола, а и секој искрен љубител на спортот му го посакува истото и нему, и на сите избраници на селекторот Никола Матијашевиќ за кои ќе се навива од 11-ти до 16-ти јануари, веруваме потоа и на Европското првенство.