Пеев ги распеа романтичарите – Работнички го победи Вардар (1-0)

Оливер Пеев беше најприсебен во 56-тата минута, мајсторски реагираше и со удар од близина ја затресе мрежата на Филип Гачевски и му донесе вредна победа на Работнички против Вардар.

Скопското дерби мина во израмнета игра, а еден одличен потег на поранешниот вардарец го одлучи мечот во корист на Работнички.

Романтичарите со трите бода стигнаа до четвртата позиција, а Вардар е во црна серија од три меча без победа, но остана на второто место, сега со 6 бода помалку од лидерот Шкендија.

Тетовци продолжуваат со импресивната серија, ја нанижаа и шестата победа по ред, а денеска во 14-тото коло го декласираа Силекс со 5-0.

Емини постигна два гола, а по еден запишаа Нафиу, Шефити и Фазли за зацрвстување на шампионот на врвот на табелата со 34 бодови.

Драматично беше во населбата Ѓорче Петров, каде што домашната Македонија и Шкупи ремизираа 2-2. Мечот го одбележа евроголот на Робсон да Силва, со кој Македонија се спаси од пораз.

Претходно, Боби Божиновски погоди од пенал за предност на домашниот тим од 1-0, а пресврт направи Шкупи со головите на Ангелов и на Муарем. Да Силва со бомба од 20 метри израмни на 2-2.

Резултати, 14-то коло: Вардар – Работнички 0-1, Шкендија – Силекс 5-0, Македонија Ѓ.П. – Шкупи 2-2, Беласица – Ренова 3-1, Академија Пандев – Победа 2-1.

Табела: Шкендија 34, Вардар 28, Академија Пандев 25, Работнички 20, Ренова 19, Македонија Ѓ.П, Победа и Беласица по 17, Шкупи 16, Силекс 14.

- Оглас -

Најнови вести