Славен Билиќ експресно се снајде по отказот во Вест Бромвич Албион и од денеска е нов тренер на поранешниот кинески шампион Пекинг Гуан.
Хрватот потпиша договор со еден од најсилните клубови во Кина со важност до 2022 година и доаѓа на местото на Бруно Женесио.
Последниот ангажман на 52-годишниот екс-селектор на Хрватска не беше успешен и по лошите резултати во новата сезона во Премиерлигата доби отказ во ВБА.
Тренерската кариера Билиќ ја почна во Хајдук, а продолжи како селектор на Хрватска од 2006 до 2012 година и потоа се пресели во Москва како кормилар на Локомотив.
Беше тренер и на Бешикташ, Вест Хем и на прволигашот од Саудиска Арабија, Ал Итихад, а од денеска е нов кормилар на Пекинг Гуан, екипа која беше првак на Кина во 2009 година.