Претстојното лето за македонската јавност ќе биде од голем значај. Одбојкарите го следеа примерот на фудбалерите кои за неколку месеци првпат ќе се појават на едно големо натпреварување – Европското првенство, па со победата над Турција и тие се пласираа на континенталниот собир во одбојка кој исто така ќе се одржи подоцна годинава.
Никола Ѓоргиев, капитенот на одбојкарската селекција, е пресреќен за новиот остварен успех со кој Македонија вторпат во низа ќе се појави на ЕП.
„Тргнавме слабо против БиХ, па се поправивме во втората победа над нив. Против Турците во првиот меч бевме добри, но сега експлодиравме! Го заслуживме пласманот, пресреќен сум што ќе играме вторпат во низа. Се бараше константност од нас, еве конечно покажавме дека можеме во континуитет да бележиме победи. Ќе имаме преубаво лето – ЕП во фудбал, ЕП во одбојка, Емил Павлов на ЛОИ во Токио. На сите им посакувам многу среќа“, посочи Ѓоргиев по триумфот над Турција.