Првото „Дерби на Италија“ помеѓу Интер и Јувентус за оваа сезона, носи голема неизвесност, а треба да покаже и кој тим има посилен карактер, па со предност ќе продолжи во трката со Милан за Скудетото.
Долгогодишната доминација на Јуве во Серија А е загрозена. Старата дама во моментов има седум бода помалку од Милан, но и еден меч помалку, додека зад Интер се четири бода и еден меч помалку (оној со Наполи за кој прво добија службена победа, па се одлучи да се игра).
Тренерот на Интер, Антонио Конте, кој е играчка легенда на Јуве, а беше и нивен тренер, смета дека клубот од Торино и понатаму е најсилен во Италија, но јазот помеѓу нив и конкурентите и намален. Конте му беше тренер на Андреа Пирло во Јуве, а вечерва учителот и ученикот ќе се надмудруваат еден против друг.
Во минатата сезона, Јуве двапати го победи Интер, и затоа за Нераѕурите ова е голем тест за нивниот карактер. Ако повторно потфрлат, ќе покажат дека немаат шампионски менталитет. Многумина сметаат дека Интер може до титула, бидејќи игра само дома, а Милан и Јуве пролетва ќе играат на повеќе фронтови и ќе имаат и европски обврски.
Јуве си е Јуве, на 6 јануари го победи Милан, сега и против Интер ќе сака да докаже кој е главен во Италија. Но, проблемот е што нема да бидат комплетни. Повредени се Дибала и Де Лихт, коронавирус имаат Квадрадо и Алекс Сандро.
Од 20.45 на „Џузепе Меаца“, за Интер се очекува да истрчаат следните 11-мина распоредени во формација 3-5-2: Хандановиќ, Шкринијар, Де Врај, Бастони, Хакими, Барела, Брозовиќ, Видал, Јанг, Лукаку, Мартинес.
Стартниот состав на Јуве треба да биде следниот, истотака во формација 3-5-2: Шчесни, Кјелини, Бонучи, Данило, Фработа, Рамзи, Бентанкур, Меккени, Кјеза, Мората, Роналдо.