Барселона се пласираше во осминафиналето на шпанскиот куп откако по многу борба и дури 120 минути игра го елиминираше третолигашот Корнеља. Каталонскиот гигант победи со 2:0, а погодоците вредни пласман во следната фаза беа постигнати во дополнителните 30 минути.
Во регуларните 90 минути Барселона имаше два пенали кои не успеа да ги искористи, односно голманот на Корнеља успешно ги одбрани. Најпрво Миралем Пјаниќ шутираше во 39-тата минута, а младиот голман Рамон Хуан Рамирез одбрани. Со овој промашен пенал, Пјаниќ се нареди на листата на играчи кои сезонава промашуваа пенали за Барселона.
Во второто полувреме дојде редот и на Дембеле да покаже дека белата точка е најголема енигма за играчите на Барселона. Голманот на Корнеља го одбрани и пеналот на Дембеле, па мораше да се играат дополнителни 30 минути.
Тоа што Дембеле го промаши од пенал, го коригираше во 92-рата минута, кога успеа да ја затресе мрежата на домаќините. Брајтвајт со гол во 120+1 минута потврди дека Барселона ќе победи и нема да дозволи Корнеља да направи ново чудо.
Третолигашот во претходното коло го елиминираше Атлетико Мадрид, немаше сили за ново чудо, но на повеќе од достоен начин се прости од Купот на Шпанија.