Турците се натпреваруваат кој ќе му даде поголеми комплименти на македонскиот репрезентативен фудбалер Елиф Елмас откако овој тинејџер му донесе победа на Фенербахче во синоќешниот меч со Коњаспор. Елмас влезе во игра во 61-вата минута, а шест минути подоцна постигна гол, кој се покажа како единствен на средбата и на Фенер му донесе три бода.
Елмас не е злато, туку фудбалски дијамант, констатираат турските новинари на кои им се допаѓа прекарот кој претходно на Елиф му го дадоа македонските новинари.
Младиот играч од средината на теренот е главна ѕвезда на колото во турската лига, го спаси својот тим од маката на критичното гостување против тимот на Адис Јаховиќ. Елмас скромно кажа дека е поважно што екипата победила, а не што тој лично му донел триумф на тимот, но јасно е колку е големо значењето на погодокот.
Трите бода кои Елмас му ги донесе на Фенер се златни. Сега тимот на тренерот Филип Коку има 6 бода од пет меча и избегна ситуација да се најде во зоната за испаѓање. Фенербахче е на 11-тото место, што е далеку од нивните амбиции, но сепак е подобро отколку да киксираа повторно, што ќе значеше уште некоја позиција подолу.