По победата на Бразил над Уругвај, стана дефинитивно јасно дека македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Египет ќе биде на 23-тото место на конечната табела. На ракометниот Мундијал играа 32 селекции и историски гледано, ова е наш најслаб пласман досега, но во минатото на светските првенства играа помалку репрезентации (24).
На конечната табела, зад Македонија се осумте тима кои беа последни во своите групи во првата фаза и играа во Претседателскиот куп, плус Уругвај. Од европските репрезентации, само Австрија е зад Македонија. Пред нас се и Бахреин и Алжир, кои исто така немаа победа во втората фаза, но имаа подобра гол-разлика од тимот на селекторот Данило Брестовац.