Вицешампионот во регионалното натпреварување, тимот на Вардар, по пауза од два месеци се враќа во натпреварувачки погон, а попладнево во Скопје гостува Војводина како прв овогодишен предизвик за Црвено-црните во СЕХА-лигата.
Борко Ристовски вели дека овој дуел не е атрактивен за јавноста, но очекува домаќините да се покажат во добро светло и со победа да тргнат во 2021 година, што ќе им биде мотив во пресрет на пеколниот распоред во февруари.
„Натпреварот против Војводина можеби не е толку атрактивен за јавноста, но нам ни е од големо значење бидејќи сакаме позитивно да го стартуваме вториот дел од сезоната. Од повеќе аспекти мораме да бидеме претпазливи бидејќи некомплетни се подготвуваме за овој меч. Без разлика што мечот не е атрактивен, ние мора сериозно да пристапиме во него и, пред сè, да покажеме добра игра со која ќе атакуваме кон победата. Така ќе можеме да оствариме континуитет во пресрет на пеколниот февруари, во кој ќе се обидеме да освоиме што повеќе бодови како во ЛШ така и во СЕХА-лигата“, истакна Ристовски.
Сличен став има и крилото на Вардар, Гоце Георгиевски, кој не беше дел од македонската репрезентација на СП. Иако не се сите играчи на број, нему му е важно што присутните се здрави и подготвени за битка.
Дуелот Вардар – Војводина е закажан за 17:45 часот.