Почнува 58-миот континентален куп во нордиско скијање „Мавровски меморијал“

Најстариот скијачки куп на Балканот и еден од најстарите ски купови во Европа и светот, „Мавровски меморијал“ од  2 – 4 февруари, под покровителство на министерката за одбрана г-ѓа Радмила Шекеринска Јанковска, по 58-ми пат ќе го направи Маврово главен спортски центар.

Настанот се одржува во спомен на 38-те градители на хидросистемот „Маврово” и 14-те граничари кои ги загубија животите во снежна лавина во 1956 година. Срцето на планината Бистра деновиве ќе биде главно збиралиште на врвни професионалци и вљубеници во зимските спортови кои се залагаат за подигнување на овој спорт на највисоко ниво.

На снежната патека „Мирна Долина” ќе се докажуваат најдобрите репрезентации од регионот, под комплетна супервизија на официјални лица од FIS. Укажаната доверба од FIS се потврдува и со доделување признанија и медали на најдобрите балкански натпреварувачи во текот на целата сезона.

Трките на 5 и 10 километри во слободен стил ќе се одржат на 3 и 4 февруари. Со положување на цвеќе пред споменикот на градителите и спасувачите, организаторот и покровителите денеска ќе го означат официјалниот почеток на настанот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести