Остварлива е мисијата „100“ – Пандев на три гола од јубилеј во Серија А

По кој знае којпат, Горан Пандев докажа дека годините се само бројка, а класата е вечна.

Маестро Гранде го потопи „својот“ Наполи со двата погодоци во победата на Џенова од 2-1 и покажа дека никако не е за старо железо.

Пандев стана најстар фудбалер со 37 години кој во актуелната сезона бележи барем два погодоци и две асистенции во топ 5 лигите во Европа. На погодок во Калчото чекаше од септември минатата година, последно ја затресе мрежата на Кротоне на 20 септември 2020 година во триумфот на Џенова од 4-1.

Сега пред Пандев стои нова мисија, да стигне до јубилејни 100 погодоци во Серија А. Со двата погодоци вечерва, Пандев стигна до вкупно 97 гола во италијанскиот шампионат.

Еден запиша во дресот на Анкона, додека најмногу постигна во дресот на Лацио, дури 48 првенствени погодоци. Како играч на Интер, Пандев петпати ја тресел мрежата во мечеви од Серија А. За Наполи постигна 19 лигашки гола во три сезони, додека со Џенова засега стои на 24 погодоци.

До крајот на сезоната во Серија А преостануваат уште 17 натпревари, во кои Пандев ќе има прилика да стигне до јубилејниот учинок и воедно да биде најдобар стрелец во Италија кој доаѓа од екс-ју земјите.

- Оглас -

Најнови вести