Нема шега со шампионот – Шкендија најде чаре за непобедливата Победа

Шкендија не се шегува, шампионот фати опасен залет во првенството и со нова победа се зацврсти на врвот на табелата со 37 бодови. Денеска на „Кукуш“ во Турново тетовци ја сопреа лошата серија од порази во меѓусебните дуели со Победа и со 2:0 ги совладаа прилепчани.

Егзон Бејтулаи скокна највисоко во 74. минута и ја затресе мрежата на противникот, а Изаир Емини со деветтиот гол сезонава во 87. минута само ја потврди седмата победа по ред во првенството.

Од битката за титулата не се откажува Вардар, а со триумф од 1:0 во Кратово против Силекс конечно е прекината низата од три меча без победа. Дарко Мицевски од пенал во 10. минута го одлучи победникот. Скопјани издржаа со играч помалку во последните 20-на минути, откако беше исклучен Лира Де Соуза.

По паузата за настапите на репрезентациите во Лигата на Нации се разигра Работнички. Романтичарите го добија и второто скопско дерби по ред и по триумфот против Вардар, сега ја победија и Македонија Ѓ.П. со 5:1.

Многу потешко и со гол во третата минута од судиското продолжение три бода освои уште една скопска екипа, Шкупи. На „Чаир“ Типуриќ донесе голема радост на дуелот против Беласица со гол во 93. минута.

Во Тетово во последниот меч од 16. коло Ренова и Академија Пандев ремизираа 1:1.

Табела: Шкендија 37, Вардар 31, Академија Пандев 26, Работнички 23, Ренова 20, Шкупи 19, Победа, Македонија Ѓ.П. и Беласица по 17, Силекс 14.

 

- Оглас -

Најнови вести