Машката сениорска репрезентација на Македонија стартуваше со мини-подготовките за февруарскиот ФИБА „прозорец“ и четирите натпревари за пет дена на турнирот во Перм (Русија) од квалификациите за ЕП 2022. На првиот собир, кај селекторот Александар Тодоров се појавија сите повикани кандидати, меѓу нив и натурализираниот Џејкоб Вајли, ги немаше само Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски, кои од претходно најавија дека подоцна ќе се приклучат.
Поради болки во пределот на листот на десната нога, првиот тренинг превентивно го пропушти Марко Симоновски. Од лекарскиот тим на нашата сениорска селекција веруваат дека веќе на некој од наредните тренинзи во Скопје тој ќе биде во редовите и подготвен за настап. Инаку, во Скопје ќе бидат одработени вкупно пет тренинзи.
На 15 февруари, во раните утрински часови, со чартер-лет е планирано тргнувањето за Перм. Во составот во кој ќе има 15-мина кошаркари, се очекува да биде и 17-годишниот Теодор Симиќ, кој има шанса да стане еден од најмладите дебитанти во националниот тим на Македонија.
„Ме изненади повикот на селекторот во А репрезентацијата. Подготвен сум да го дадам максимумот и да го оправдам повикот, иако сум најмал во оваа репрезентација. Нормално е да чувствувам трема. Но, сепак, тоа е позитивна трема и се надевам дека таа трема нема да се одрази на играта во Перм, секако доколку бидам во комбинација за настап. Со оглед на ситуцијата со ковид-19 и некомплетните репрезентации во групата, се надевам дека тоа ќе го искористиме максимално и, секако, да се пласираме на ЕП“, вели Симиќ, кој е член на јуниорскиот тим на Барселона.