Аталанта по петти пат во клупската историја ќе игра во финалето во Купот на Италија откако вечерва славеше со 3-1 против Наполи во возвратниот полуфинален дуел.
Божицата беше пресилна за Елиф Елмас и неговите соиграчи кои капитулираа веќе во првите 16 минути од средбата. Дуван Запата со бомбастичен удар од далечина ѝ донесе предност на Аталанта во 10-тата минута, а само шест минути подоцна, Песина ја претвори во гол асистенцијата на Запата и одличната акција на домаќините.
Елмас иако беше стартер, во второто полувреме не се појави на теренот, а на неговото место заигра Политано. Наполитанците во обид брзо да се вратат во игра, намалија на 2-1 преку Лозано во 53-тата минута.
https://twitter.com/Goncalodias17g3/status/1359607767565295618
Тимот на Гатузо притискаше за израмнување, но тој ризик не се исплати, па во 78-мата минута Песина со својот втор гол на мечот, а и втора асистенција на Запата во нова феноменална акција, ги постави конечните 3-1 со кои Аталанта закажа битка за куп-трофејот против Јувентус на 19 мај.
https://twitter.com/BestOfSerieA/status/1359615450938810370