Проф. Д-р Ленче Алексовска Величковска им одржа предавање на кошаркарските репрезентативци, во рамките на редовните тренажни активности, непосредно пред почетокот на тренингот. Репрезентативните кандидати добија корисни психолошки совети од жената која е Декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, и составен дел од стручниот тим на нашиот национален тим.
По завршувањето на задолжителното ПЦР тестирање, Проф Др. Алексовска Величковска ги запозна репрезентативците со сите психолошки моменти кои со себе ги носи еден турнирски систем на натпреварување, но и начинот на психолошката подготовка за она што следува во наредните денови, настапот на нашите најдобри кошаркари на квалификацискиот „балон“ во Перм, Русија, каде за пет дена ќе играат четири меча.
Новина од денешниот тренинг е дека Марко Симоновски се појави на тренинг и денеска тој работеше одвоено од тимот, со помош на кондицискиот тренер Ерен Хангун. Шутерот има повреда на листот на ногата, и би требало да може да помогне во Перм. Нашите интернационалци кои играат во Шпанија, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски, утре треба да се појават, а барем едниот од нив и да тренира.
Заминувањето за Русија е предвидено за понеделник, а кои играчи ќе заминат, ќе зависи и од резултатите од тестирањето за Ковид-19.