Спортската опсерваторија ЦИЕС со помош на алгоритам предвиде како ќе изгледаат табелите по завршувањето на шампионатите во Топ 5 лигите во Европа и според овој алгоритам, се предвидува дека има изненадувања во некои од лигите.
Статистичкиот модел е направен според тоа кој тим колку пати шутира кон противничкиот гол, колку пати нему му шутираат противниците, колку има посед на топката, колку додавања има во противничката половина, па компјутерски се проектираат бодовите на крајот на сезоната. Проекцијата е направена за 22 лиги низ Европа, меѓу кои не е македонската.
Во шпанската лига првак треба да биде Атлетико Мадрид, пред Барселона и Реал Мадрид. Во англиската Премиер лига убедливо прв би бил Манчестер сити, кој би имал дури 14 бода повеќе од Манчестер јунајтед, а во ЛШ би влегле и Ливерпул и Челзи. Тотенхем и Арсенал би останале без Европа.
Во Германија нема изненадување околу титулата, Баерн ќе биде прв пред Лајпциг, а во ЛШ влегува Волфсбург на местото на Борусија Дортмунд. За Бундеслигата алгоритамот предвидува дека ќе испадне Шалке 04.
Најинтересни ќе бидат трките за титула во Франција и Италија. Во Италија треба да заврши доминацијата на Јувентус, Јуве би бил дури трети, со три бода помалку од Интер, кој по 11 години пак би го освоил Скудетото. Милан ќе биде втор со бод помалку од градскиот ривал. Ако ова се оствари, последното коло во Серија А ќе биде супер драматично.
Големо изненадување може да има во Франција. Таму Лион треба да биде првак според ЦИЕС, со еден бод пред ПСЖ, кој доминира во последните години. Лил, кој во моментов е прв, би завршил на третата позиција.