До финале за помалку од два часа: Ѓоковиќ ќе ја брани титулата во Мелбурн

Новак Ѓоковиќ е прв финалист на Отвореното првенство на Австралија по триумфот над Аслан Карацев во три сета со 6-3, 6-4, 6-2.

Првиот светски рекет по деветти пат ќе се бори за титулата на австралискиот гренслем, односно ќе се обиде да го подобри рекордот кој засега му стои на осум гренслем-титули на првенството кое се игра во Мелбурн. Доста лесно Ѓоковиќ го надигра 114-топласираниот тенисер Карацев, кој беше сензација на ова првенство со пласманот во топ 4 фазата, што е негов најголем успех во кариерата.

На Србинот му требаше еден брејк за 5-3 во првиот сет да дојде до водство, додека Карацев најмногу отпор даде во вториот сет, така што му одзеде сервис на Ѓоковиќ и спасуваше две сет-топки во 10-тиот гем. Карацев и во третиот сет успеа да направи брејк, но Ѓоковиќ одговори со три украдени сервиси, а потоа рутинирано стигна до победата која значеше нов пласман во големото финале.

Ѓоковиќ утре изутрина ќе го дознае противникот во мечот за титулата, тоа ќе биде подобриот од Данил Медведев и Стефанос Циципас. Финалето во женска конкуренција е меѓу Наоми Осака и Џенифер Брејди.

- Оглас -

Најнови вести