Македонија загуби од Италија со 92:84 во меч од квалификациите за пласман на Европското првенство. За Македонија ова е трет пораз во третиот меч од квалификациите, додека Италија има перфектни четири од четири. И покрај овој неуспех, Македонија останува со шанси за место на завршницата на континенталниот собир.
Следниот меч Македонија ќе го игра утре против Русија, од која еднаш веќе загубивме со 77:67, а до крајот од квалификациите треба да играме уште еднаш против Италија и против Естонија.
Уште од самиот старт се виде дека дуелот против Италија ќе биде неизвесен. Во првата четвртина Аѕурите во поголем дел имаа предност, но не поголема од пет поени (16:11). По првите 10 минути беше 25:23 за противникот. На почетокот на втората четвртина Македонија поведе со 28:27 и до крајот на полувремето не го испушти водството.
Водевме со 34:27, а потоа и со највисоки осум поени предност (43:35), но Италија со две тројки стигна само на минус 2.
Во третата четвртина двете селекции по неколку пати се сменија во водство, а по 30 минути нашата селекција водеше со минимални 64:63. Во последната четвртина први погодивме, и тоа тројка за 67:63, но потоа следуваше серија од 9:0 за Италија, која поведе со 72:67. Со пет поени во низа го стопиравме налетот на противникот и израмнивме на 72:72 во 34-тата минута.
Италија со нова серија од 8:2 во 36-тата минута стигна до највисоки шест поени разлика (80:74), но за кратко Македонија со мини серија од 5:0 намали само на еден поен негатива.
Беше 82:81 за Италија, кога Аѕурите со две тројки стигнаа до највисоката предност од сеудм разлика (88:81) на неполни три минути до крајот, а потоа нашите кошаркари немаа сили да се спасат од пораз. Македонија во последната четвртина прими дури 29 поени, што само покажува дека одбраната не функционираше кога беше најпотребно.
Ненад Димитријевиќ со 24 поени и 12 асистенции беше најдобар кај Македонија, а потоа следуваа Џејков Вајли со 17 поени, Војдан Стојановски со 15 и Бојан Трајковски со 11 поени. Кај Италија најпрецизен беше Амедео Теситори со 18 поени.