Италијанскиот четвртолигаш ФК Месина, одлучи на својот тренер Пино Риголи да му даде отказ и тоа на необичен и нехуман начин. Риголи лошата вест ја добил по телефон, и тоа додека лежел во болница каде се борел со компликации од коронавирусот.
Риголи не го водеше тимот на последните пет меча. Месина е на трето место во групата И од Серија Д, со две средби помалку и пет бода заостанување зад лидерот, кој им е градски ривал. Пред три дена, Месина загуби од Ачиреале кој истотака им е директен конкурент за напредок во битката за пласман во ранг погоре.
Еден од директорите на сицилијанскиот клуб му се јавил на тренерот, и го информирал дека веќе не е тренер, а ваквиот начин на давање отказ предизвика многу полемики во Италија. Позитивно е што Риголи ја доби битката и се чувствува подобро, а тоа е најважно во овој момент.