Зошто Јувентус сезонава е далеку од титулата? Најголем проблем им е тоа што до лани беше нивен најголем адут

Андреа Пирло во првата сезона како тренер на Јувентус има големи проблеми. Старата дама, која девет години доминира во Серија А, сезонава заостанува 10 бода зад лидерот Интер. Пирло е играчка легенда на клубот, но кога се работи за тренерската работа, повеќе од сигурно е дека има недостатоци.

Одбраната на Јувентус е одлична и е најдобра во Серија А. Старата дама има само 20 примени погодоци, но проблем е офанзивниот ред. Во 23 меча дадоа вкупно 45 гола, од кои 43 отсто се на Кристијано Роналдо (Португалецот даде 19 гола).

Сепак, тоа што е најголем проблем за Јувентус сезонава е тоа што дури четири пати италијанскиот првак испушти предност и на крајот наместо три бода, освои само еден. На последниот меч против Верона, Јувентус имаше предност од 1:0, но на крајот заврши 1:1 и фаворитот освои само еден бод. Тоа на Јувентус му се случуваше и во дуелите против Лацио, Беневенто и Аталанта, кога не успеваше да ја сочува предноста.

Ако успееше Јувентус на овие четири средби да ја сочува предноста, сега ќе имаше осум бода плус на своето конто и веќе ќе беше во трка за титулата, а сега има двоцифрено заостанување, но и меч плус за играње.

 

- Оглас -

Најнови вести