На 11 кола до крајот во англиската Премиер лига, веќе е јасно дека Манчестер сити незадржливо граби кон титулата. Граѓаните се убедливи лидери дури со 14 бода повеќе од второпласираниот Манчестер јунајтед, додека четвртиот Вест хем заостанува дури 20 бодови.
Тоа што ќе биде интересно до крајот на сезоната е борбата за пласман во Лигата на шампионите, како и тоа кои екипи ќе испаднат од елитното друштво. Суперкомпјутер направил пресметка за тоа како ќе биде резултатот од последните 11 кола во Премиер лигата и според тие предвидувања, најголем губитник ќе биде актуелниот шампион Ливерпул.
Пресметките велат дека Ливерпул не само што сигурно ќе остане без титулата, туку на крајот нема да успее да се палсира ниту во Лигата на шампионите. Тимот на Јирген Клоп моментно е на шестото место со 43 бода, еден помалку од Челзи, а два помалку од четвртиот Вест хем.
Суперкомпјутерот пресметал дека во ЛШ покрај двата тима од Манчестер, ќе се пласираат и Лестер и Челзи. Челзи ќе биде четврти со 67 бодови, а Ливерпул и Вест хем ќе завршат со по 66 бодови и ќе бидат дел од Лигата на Европа. Дали оваа пресметана табела може да биде веродостојна или не, може да видиме уште вечерва на дербито на „Енфилд роуд“, каде што играат токму Ливерпул и Челзи.
Од Премиер лигата на крајот од сезоната ќе испаднат: Фулам, Вест Бромич албион и Шефилд јунајтед.