Решено е: Од 2024 година ќе се игра НОВА Лига на шампиони!

Шефот на Јувентус, Андреа Ањели потврди дека на денешниот состанот на здружението на европските фудбалски клубови (ЕКА), договорена е драстична промена на натпреварите во Лигата на шампиони и тоа ќе започне од сезоната 2024/25.

„Сите детали практично се финализирани и потврдата за промена на форматот се очекува во следните неколку недели. Постои само еден детал за кој нема консензус, но и за тоа ќе биде постигнат договор“, откри Ањели.

Веќе неколку месеци се зборува за промената на форматот во Лигата на шампиони, а сега е многу извесно дека тоа и ќе се случи од 2024 година. Новата Лига на шампиони ќе се игра по систем сличен на тој во кошаркарската Евролига.

Наместо досегашните 32 екипи, во елитната лига ќе играат 36 клубови, односно четири повеќе од сега. Нема да има поделба во групи, туку ќе се игра во една лига, а ќе се користи таканаречениот „швајцарски модел“. По завршување на лигашкиот дел, во осминафиналето ќе одат осумте првопласирани, како и осум екипи кои ќе бидат познати по разигрување на екипите кои ќе бидат од 9 до 24 позиција.

Веќе нема да има квалификации за пласман во ЛШ. Најсилните лиги ќе добијат по пет или шест претставници, а останатите места најверојатно ќе бидат поделени на клубовите според УЕФА ранкингот.

Мечевите би се играле во вторник и среда како што е досега, но промена би било тоа што во текот на сезоната ќе има и четири четвртоци во кои би се играле мечеви од новата Лига на шампиони. УЕФА ќе го прифати новиот формат предложен од ЕКА затоа што Европската фудбалска куќа беше под закана дека најсилните клубови може да формираат Суперлига која немаше да биде под капата на УЕФА.

Како еден од предлозите е да се забрани да се продаваат играчи меѓу клубовите кои ќе бидат дел од ЛШ.

„Размислуваме и за алтернативни решенија, а едно од тие е клубовите во ЛШ да не може да купуваат играчи едни од други. Мислам дека тоа би било добро решение, а и ќе се намалат астрономските трансфери кои сега постојат“, објаснува Ањели.

Новиот формат на Лигата на шампиони треба да биде до 2033 година.

 

- Оглас -

Најнови вести