Италијанскиот првак Јувентус втора сезона по ред е елиминиран во осминафиналето од Лигата на шампиони. Старата дама синоќа победи со 3:2 на свој терен против Порто, но сепак беше елиминирана поради повеќе голови примени на домашен терен, а вкупниот резултат по 210 минути игра е 4:4.
По 90 минути во Торино беше 2:1 за домаќините, колку што победи и Порто на свој терен во првиот дуел. Во дополнителните 30 минути, Порто со гол од слободен удар стигна до 2:2, а потоа Јувентус даде погодок за пирова победа од 3:2.
Тренерот на Јувентус, Андреа Пирло го доживеа првиот поголем неусупех во новата улога. Пирло сезонава се радуваше на титулата во Суперкупот, го одведе тимот до финалето во Купот, но сега е елиминиран од ЛШ. Пирло вели дека катастрофалните грешки во одбраната се причина за оваа елиминација, но најави дека следува борбата за титулата во Серија А.
„Кога ќе се направат четири големи грешки во двомеч од осминафиналето во Лигата на шампиони, тогаш може да бидете елиминирани. Ќе ни бидат потребни неколку дена за да го заборавиме овој дуел, но мора да сфатиме дека уште сме само март и дека нѐ очекува битка за да се вратиме на врвот во Серија А“, вели Пирло, кој го објасни и киксот во одбраната при вториот погодок на Порто од слободен удар.
„Знаевме кои играчи треба да стојат во живиот ѕид. Никогаш претходно не ни се случило нешто вакво. Можеби играчите помислија дека слободниот удар е од далеку и дека нема да има поголема опасност. Тоа е грешка која вообичаено не се случува. Играчите не сфатија дека тоа е опасна ситуација и затоа примивме гол“, додаде стратегот на Јувентус по синоќешната елиминација од Лигата на шампиони.
Некогашната голема ѕвезда додаде дека воопшто не размислува за оставка. „Дојдов за бидам тренер бидејќи имаме проект кој трае неколку години. Продолжувам да работам“, дециден е Пирло.