Дали пеналот на Меси требаше да се повтори? Судиите во ВАР собата гледаа едно, но не видоа друг важен детаљ

Голманот на Пари Сен Жермен Кејлор Навас е херојот на францускиот тим во реванш дуелот од осминафиналето во ЛШ против Барселона. ПСЖ одигра 1:1 против каталонскиот гигант, а тоа беше доволно за да се сочува виската предност од првиот меч од 4:1.

Барселона упати дури 20 шута кон голот на Навас, од кој 10 беа во рамките на неговиот гол, но погодија само еднаш. Едноставно чуварот на мрежата на ПСЖ беше расположен да брани речиси сѐ. Клучната одбрана на Навас се случи пред крајот на првото полувреме, кога одбрани пенал на Меси.

Судиите потоа побараа помош од ВАР собата и гледаа повторена снимка за тоа дали Навас бил на гол-линијата во моментот кога Меси шутираше. Навас беше во дозволена позиција и судијата реши дека нема потреба да се повтори ударот од белата точка.

Сепак тоа што очигледно судиите не го забележаа кога се шутираше пеналот е влегувањето Марко Верати во шеснаесетникот и тоа пред да шутне Меси, што е недозволено. Ако судиите побараа помош од ВАР технологијата, едноставно мораше да го видат моментот на работ од шеснаесетникот, но тие беа фокусирани на тоа каде биле нозете на голманот Навас.

- Оглас -

Најнови вести