Ракометната репрезентација на Данска, која неодамна стана светски шампион на Мундијалот во Египет, вечерва од 20 часот гостува кај Македонија во „Борис Трајковски“ во Скопје, но уште не е пристигната во нашата земја.
Веројатно Данците се сигурни во победата, па решија да не доаѓаат во текот на вчерашниот ден и тренираат во Скопје, туку со летот од Алборг до Скопје, да слетаат во главниот град на Македонија денеска околу 16.30 часот, на три и пол часа пред почетокот на средбата. Ова значи дека од авион, заминуваат на краток одмор во хотел и веднаш одат во сала на натпревар кој е дерби во групата, бидејќи по две кола, и Данска и Македонија имаат по две победи.
Данците нема да спијат тука, туку околу полноќ полетуваат за дома.
Само чудо треба да се случи, па Данска и Македонија да не се планираат на ЕП во јануари следната година во Унгарија и Словачка. Делува дека заморената од патувањето Данска е убедена во победа, а и квотите во обложувалниците ги фаворизираат гостите.
Според составот со кој доаѓаат Данците, не ја потценуваат Македонија. Ќе дојдат со голманите Ландин и Мелер кои се ѕвезди во европскиот ракомет, тука е легендата Микел Хансен, и уште многу врвни ракометари како Тофт Хансен, Линдберг, Менсах Ларсен, итн. За три дена, Македонија ќе гостува кај Данска во Алборг.
Македонија во однос на СП, засилена е со повратникот Филип Миркуловски.