Николае Станчу е во топ-форма пред мечот меѓу Романија и Македонија, постигна шест гола на последните четири натпревари, а интересно од таборот на чешкиот гигант Славија Прага бараат 27-годишниот фудбалер да не игра против нас на 25. март во Букурешт.
„Николае е одличен фудбалер и е во топ-форма, но му пречи кога е отсутен од тимот. Секогаш кога се враќа од натпреварите за националната репрезентација следи пад на формата кај него. Подобро е да остане со тимот и да не игра за Романија“, изјави тренерот на Славија Прага, Јиндрих Трпишовски.
Станчу е еден од најискусните романски репрезентативци од сегашната генерација, со 42 настапи и 10 постигнати гола, а селекторот Мирел Радои не го послуша советот на Трпишовски и го повика за премиерниот дуел во квалификациите за настап на СП во Катар, против Македонија на 25. март од 20.45 часот.
Во Букурешт на националната арена, Романија и Македонија со меѓусебен дуел ќе го почнат квалификацискиот циклус за Мундијалот што ќе се игра идната година во Катар.
На истиот стадион во јуни, на 13. и на 17. Македонија ќе игра уште два меча, на Европското првенство, премиерно со Австрија и четири дена подоцна со Украина.