Реал Мадрид треба да плаши од реваншот со Аталанта, но верува во серијата на капитенот

Победата на Реал Мадрид на гостувањето кај Аталанта од 1-0 во првиот осминафинален меч од Лигата на шампионите, не им гарантира ништо на Шпанците во пресрет на реваншот, и вечерва претстои нова голема битка за место меѓу осумте најдобри во Европа. Реал во последните неколку сезони во ЛШ подобро играше на гости отколку дома, и затоа во Аталанта се надеваат дека може да тргнат по стапките на Ајакс од пред две сезони или Манчестер сити од лани.

Сезонава во шпанската лига, Реал дома губеше од Кадиз, Алавес и Леванте, а од Шахтар во ЛШ. Ефикасната Аталанта е подобра или најмалку на исто ниво со овие тимови, и верува во триумф. Кај Реал ќе го нема суспендираниот Касемиро, и тоа е проблем за Зидан.

Но, Реал ја запре Аталанта на првиот меч, додуша со човек повеќе во голем дел од средбата. Тој Реал беше многу ослабен, за разлика од вечерашниот во кој ќе бидат Серхио Рамос и Карим Бензема. Присуството на Бензема е непроценливо за нападот, а за Рамос е врзан еден интересен податок.

Со Рамос на терен, Реал не бил елиминиран од ЛШ уште од мај 2015 година, од двобојот со Јувентус. Капитенот не играше лани на реваншот со Манчестер сити, ниту преклани во дебаклот со Ајакс. Со Рамос и без Рамос во составот, Реал има сосема различни резултати и затоа неговото присуство вечерва е значајно.

- Оглас -

Најнови вести