Лука Модриќ ќе ја освои и Златната топка, која традиционално секоја година ја доделува „Франс Фудбал“ на најдобриот фудбалер во светот. Иако официјалниот избор ќе биде на трети декември во Париз, протече информација дека победникот веќе е познат.
Хрватот во дресот на Реал Мадрид освоил најмногу поени, пред Кристијано Роналдо и Антоан Гриезман. Модриќ имаше одлична година како на клупско така и на репрезентативно ниво. Со Реал Мадрид ја одбрани титулата во Лигата на шампиони, а со Хрватска стигна до сребрениот медал на Светското првенство во Русија. Модриќ оваа година досега ги собра сите најважни индивидуални награди. Беше прогласен за најдобар играч во изборот на УЕФА, а потоа го доби истото признание и во изборот на ФИФА.
Роналдо, кој ќе заврши како втор во изборот на „Франс Фудбал“, најавил дека нема да присуствува на церемонијата.