Роналдо не мрда од Јувентус: Најдобар е на свет и нема шанси да си замине

Еден од главните челници на Јувентус, Фабио Паратичи е сигурен дека Кристијано Роналдо ќе го одработи договорот со Старата дама до крајот, односно ќе игра за најтрофејниот италијански клуб и идната сезона.

Се шпекулираше дека Португалецот ќе биде продаден, по неуспешната сезона на Јувентус, во која реалност е да се освои само еден трофеј, тој во Купот на Италија, ако се победи Аталанта во финалето закажано за 19. мај.

На останатите фронтови Јувентус нема веќе шанси за пехари, откако испадна од Порто во Лигата на шампионите, а и во Серија А е далеку од одбрана на Скудетото.

„Роналдо е најдобар фудбалер на планетата и нема да си дозволиме луксуз да си замине“, изјави Паратичи по сензационалниот пораз на Јувентус од Беневенто на домашен терен со 0:1.

Роналдо беше критикуван и посочен како главен виновник за елиминацијата од Порто во осминафиналето, а неговата реакција при слободниот удар по кој Порто постигна клучен гол во продолженијата во Торино стана вирален хит.

Сепак Паратичи има и аргументи со кои застана во одбрана на Португалецот. Роналдо е прв стрелец во Серија А со 23 гола, му донесе многу победи и освојуваше домашни титули со Јувентус, откако пристигна во клубот пред три години за трансфер вреден 117 милиони евра што му беа платени на Реал Мадрид.

Договорот му истекува идното лето, а засега според Паратичи, Роналдо останува член на Старата дама.

 

- Оглас -

Најнови вести