Еурофарм Пелистер беше немоќен во дуелот против Магдебург во првиот меч од осминафиналето во Лигата на Европа на ракометната ЕХФ. Иако се играше во Битола, Магдебург доминираше во текот на целиот меч и на крајот победи со убедливи 24:32. По овој резултат, нема дилеми дека германскиот бундеслигаш ќе оди во следната фаза, иако ги очекува и реванш против Еурофарм Пелистер.
Магдебург одлично го започна мечот и поведе со 4:0. Пелистер намали на 2:4, а потоа и на 3:5, но потоа следуваше нова одлична серија на гостите. Со серија од 6:0, Германците стигнаа до 11:3 по точно 20 минути. Кога ќе се дадат само три погодоци за 20 минути, јасна е немоќта, па останатиот дел од мечот беше само формалност.
Гостите на полувреме водеа со 15:9, а на почетокот на второто полувреме со нова серија од 3:0, стигнаа и до највисоката предност од девет разлика (18:9). До крајот на мечот, фаворитот само рутински ја задржа високата предност.
Стипе Мандалиниќ со 6 гола беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер, а потоа следуваа Граѓан со 5, Мараш 3, Периќ 3, Велковски 2, Ојлески 1, Маркоски 1, Радовиќ 1, Костески 1 и Ѓукиќ со 1 гол.