Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски очекува позитивен старт во квалификациите за пласман на Светското првенство. Предводникот на нашата селекција потенцираше дека Букурешт утре нема да биде единствен наш домаќин за оваа година, затоа што токму таму ќе ги играме и два од трите меча од групната фаза на Европското првенство.
„Утре ќе бидеме противници со Романија на терен, но Букурешт ќе биде како наш дом за Европското првенство и посакувам тогаш да ни ја дадат сета поддршка. Романците како наш пријателски народ посакувам да ни дадат безрезервна поддршка на ЕП. Но, сега за сето тоа е многу рано. Сега сме фокусирани на утрешниот дуел и желбата позитивно да ги стартуваме новите квалификации. Романија е една одлична селекција со добри поединци, но и ние можеме да бидеме едно ниво погоре, затоа што и претходно покажавме дека можеме да парираме со поквалитетни репрезентации како Словенија, Израел“, рече Ангеловски на прес конференцијата пред утрешниот меч.
Фото: Игор Паневски