„Играме против тим што не го познаваме многу добро и е последен на табелата, но ако ги погледнеме резултатите, се забележува дека губат со минимални разлики од 2 до 3 гола најмногу. Затоа е важно да не се релаксираме против овој противник. За нас е битно да победиме, зашто секоја победа ни е важна за да стигнеме на фајнал 4 турнирот од лигата. Битно е на овие натпревари да им дадеме шанса на играчите кои не се појавуваат често во натпреварите во Лигата на шампионите на ЕХФ за да може другите да се одморат”, рече тренерот Роберто Парондо.
Ракометарите кои ќе одмараат, а и оние кои ќе играат со Извиѓач, се подготвуваат за натпреварот во сабота, на први декември, кога во „Јане Сандански” Вардар го игра и последниот меч од Лигата на шампионите во полусезонава, и тоа против екипата на Кјелце.
Левиот бек Грегор Оцвирк се согласи дека ниту еден противник не треба да се потцени.
„Секој противник го почитуваме и го цениме, но во среда ќе нѐ интересира само победа. Играме да ги освоиме бодовите, а како што спомна тренерот во екипата, ќе бидеме играчите кои не настапуваат често во ЛШ” , рече Оцвирк.
Извиѓач во Скопје дојде ослабен и подмладен, веројатно и самите не веруваат во победа против фаворитот, но најавуваат максимална борбеност.