Кога во екипата го нема Леброн Џејмс, Лос Анџелес лејкерс е многу ранлив. Актуелниот НБА првак загуби на свој терен од Филаделфија со 109:101, што е четврти неуспех во низа. Од друга страна, 76-ките се израдуваа на четвртата победа по ред.
Дени Грин даде 28 поени за победничкиот тим, додека кај Лејкерс најдобар беше Кајл Кузма со 25 поени.
Во највозбудливиот меч одигран ноќеска, Портланд славеше на гостувањето кај Мајами со 125:122, а мечот беше решен буквално во последната секунда. При резултат 122:122, гостите го имаа последниот шут, а беше направен фаул врз Лилард при обид за шут за три поени. Играчот кој заврши со 22 поени на овој меч, ги реализираше сите три слободни фрлања и тоа беше доволно за победа на гостите.
Во останатите мечеви кои се одиграа ноќеска: Њујорк – Вашингтон 106:102, Сан Антонио – ЛА Клиперс 85:98, Сакраменто – Голден Стејт 141:119.