Несторовски: Се извинувам, ќе прифатам каква било одлука на селекторот

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски јавно се извини за навредите кои ги упати по постигнатиот гол од пенал синоќа против Лихтенштајн и повтори дека тоа што го направил не било насочено кон целата македонска јавност, туку само кон тројца луѓе кои го навредувале него и неговото семејство.

„Секако, се извинувам на секој што сметаше дека зборовите се упатени на јавноста. Не се упатени на јавноста, но како што веќе реков, на одредени луѓе. Не го направив тоа под притисок од публиката или од резултатот, туку го направив со студена глава. За мене, Македонија е над сè! Јас гордо ја носев лентата како Македонец во Хрватска и Италија и сите знаете што значи тоа! И секаде ја претставував Македонија најдобро што можам бидејќи тие не ја даваат лентата како странец лесно! Како може некој тогаш да помисли дека им се обраќам на сите критичари додека ја имам лентата во тој момент! Беше за поединци. A, со критиките сум навикнат да се носам уште од почетокот на мојата кариера. Критиките ме мотивираат, а личните навреди се нешто сосема друго! Отсекогаш сум бил на располагање на репрезентацијата, така ќе биде и сега! Кога резултатите не беа најдобри, менував 4 авиони од Сицилија за да бидам дел од едно вакво семејство! Секогаш ќе биде така, каква одлука и да донесе селекторот, секако дека ќе ja прифатам! Уште едно извинување и напред МАКЕДОНИЈА!“ изјави Несторовски.

- Оглас -

Најнови вести