Екипата на Академија Пандев е првиот финалист во Купот на Македонија откако на стадионот во Ѓорче Петров со 3:1 го победи тимот на Македонија ЃП. Иако полуфиналето требаше да се игра во два меча, поради пандемијата со корона-вирусот беше одлучено во еден меч да се добие победникот.
Струмичани, кои пред четири дена со 2:1 се радуваа на теренот во Ѓорче Петров во првенствен дуел, овојпат се радуваа и во Купот. Гостите први постигнаа гол откако по еден корнер, топката дојде до Ферати, кој шутираше и со убав лоб удар ја затресе мрежата на Македонија ЃП.
Домаќините за кратко време израмнија, кога Ајрулаху погоди по асистенција на Фазли. Во 34-тата минута, Академија Пандев остана без стрелецот Ферати, кој доби втор жолт, автоматски и црвен картон.
Македонија ЃП тргна добро во второто полувреме, но гостите погодија. Се играше 55-тата минута кога беше досуден пенал за струмичани, а Марјан Радевски погоди од 11 метри.
Во 60-тата минута, со играч помалку на теренот останаа и домаќините, по црвениот картон на Китановски. Академија Пандев до 3:1 стигна со уште еден удар од белата точка, и тоа во 96-тата минута. Радевски повторно беше прецизен и ги постави конечните 3:1.
Со оваа победа, Академија Пандев остана во обид да го одбрани тронот во Купот. Во финалето, противник на струмичани ќе биде подобриот од утрешниот меч меѓу Струга Трим Лум и Силекс.