Колумбискиот напаѓач Радамел Фалкао, кој игра за Галатасарај, најмалку уште два дена ќе остане во болница во Истанбул, каде што закрепнува од повреда на главата здобиена на тренинг. Во моментов Фалкао, кој има скршена коска во пределот на лицето, не може да јаде и се храни само со течности.
Искусниот Фалкао се повреди на тренинг кога во воздушен дуел се судри со клупскиот колега Керем Актуркоглу. Популарниот Ел Тигре беше опериран, но општата здравствена состојба му е добра, а тој на социјалните мрежи објави и слики од болнички кревет.
Се шпекулира дека Фалкао би можел да игра на 21 април против Трабзонспор, кога би носел специјална заштитна маска на лицето, но тоа е многу оптимистичка прогноза. Поверојатно е дека ќе треба да паузира барем три недели. Фалкао има договор со Галата до мај 2022 година, а сезонава даде 8 гола на 14 меча.