Некогашниот француски репрезентативен напаѓач, Џибрил Сисе, потпиша договор со Панатинаикос од Чикаго, клуб кој се натпреварува во четвртата американска лига. Сисе во август ќе наполни 40 години и реши кариерата да ја финишира во новоформиран клуб. Сисе играше и за „оригиналниот“ Панатинаикос, оној од Атина.
„Еднаш зелен, засекогаш зелен“. Со овие зборови се објави договорот на Сисе со ПАО од Чикаго. За атинските Зелени детелинки, Сисе играше од 2009 до 2011 година, и на 61 настап даде 47 гола. Последен клуб му беше швајцарски Ивердон во сезоната 2017/2018, кога даде 27 гола. После тоа потпиша за Виченца, но не одигра ниту еден меч за италијанскиот клуб.
Најдобри сезони му беа оние во Оксер, Ливерпул и Марсеј, играше и за Лацио и други клубови. Инаку, Панатинаикос Чикаго е клуб формиран во 2019 година од Американци со грчко потекло, и се натпреварува во аматерската НПСЛ лига од која нема ни испаѓање ни одење ранг погоре.