Памти, па врати – Камбур со порака за Холандската федерација: Не доаѓајте, не ни треба вашиот пехар

Камбур утре со победа против Хелмонд може и официјално да стане нов прволигаш во Холандија, но луѓето од клубот и навивачите не ја заборавија ланската неправда и им порачаа на челните луѓе на Фудбалската федерација воопшто да не доаѓаат за да им го врачат шампионскиот пехар ако го освојат првото место во Втората лига.

„Му порачуваме на директорот Ерик Гуде да не се мачи да доаѓа во Леварден за да ни го предаде шампионскиот пехар ако бидеме први на крајот од првенството. Најважно за нас е утре да победиме и да ја потврдиме промоцијата во Ередивизија што ја заслуживме и лани, но на нефер начин, радоста ни ја скратија луѓето од Федерацијата“.

Лани Камбур на 9 кола до крајот на првенството беше на чело на табелата и сигурно ќе беше нов прволигаш, но челниците на Холандската федерација, КНВБ, одлучија да го прекинат шампионатот и ниту една екипа да не влезе во повисок ранг на натпревари.

Сега веќе не можат да му ја скусат радоста на Камбур, кој е лидер во Ерстедивизија со 79 бода. Со триумф дома против Хелмонд на утрешниот меч од 34-тото коло сигурно ќе бидат прволигаши.

Ќе имаат недостижна предност пред третопласираниот Алмере, а во Ередивизија се сели и второпласираната екипа, а на тоа место моментно е Де Графшап со 70 бода, 9 помалку од Камбур, но и три повеќе од Алмере и четири од НАЦ Бреда.

 

 

- Оглас -

Најнови вести