Искусниот холандски тренер Дик Адвокат, кој има 70 години, стана нов шеф на стручниот штаб на клубот Утрехт. Договорот на стручњакот со Утрехт е со важност до крајот на сезоната, а во работата ќе му помага Жељко Петровиќ, кој ќе биде прв асистент.
По пет одиграни кола во холандската лига, Утрехт има скромни 5 бода и моментно се наоѓа на 14-тото место на табелата. Адвокат има играно 39 меча за Утрехт во сезоната 1983/84, а од вчера почна со работа во новата средина. На клупата на Утрехт тој го наследи Жан Пол де Јонг.
Адвокат е поранешен холандски селектор, а на клупска сцена водел многу клубови, како Фенербахче, ПСВ, Зенит, АЗ Алкмар, Глазгов ренџерс и Спарта Ротердам. Тој истакна дека главна цел му е да го однесе тимот на европска сцена, а тоа значи да заврши во топ 5 во Холандија.