Гоце Седлоски и официјално стана четвртиот тренер кој ќе го води Шкупи сезонава. Човекот кој одигра 100 натпревари за репрезентацијата, во тренерската кариера работел во Турново, Вардар, Рига, Широки бријег и вториот тим на Динамо Загреб, се врати во Македонија и ќе има задача да го однесе тимот од Чаир на европска сцена, а во следната сезона да атакуваат на шампионска титула.
Седлоски го одржа и првиот тренинг со екипата, се запозна со фудбалерите во завршницата од оваа сезона, а главните резултати и ќе се бараат наредната сезона.
„Разговаравме и зимоска, но тогаш не најдовме заеднички јазик. Сега успеавме да се договориме и еве тука сум. Познавам само двајца или тројца од овие играчи од времето додека го водев Вардар. Претстојните шест меча до крајот на сезоната се добра можност за докажување, сите ќе почнат од нула, ќе добијат шанса да докажат колку вредат. Целта е на највисоко ниво да го одработиме крајот од сезонава, а потоа да почнеме со проектот што јас и управата го имаме замислено за следната сезона“ – изјави 47-годишниот Седлоски на промоцијата.