Комитетот за итност на УЕФА денеска во Монтрек, Швајцарија, ќе има вонреден состанок, а објавено е дека има предлози и што се екстремни од дел од влијателните членови. Можно е дури и да им бидат избришани шампионските титули на осум клубови што досега победувале во Лигата на шампионите.
Проблемот со 12-те клубови што веќе објавија дека потпишале договор за формирање на Суперлига во нивна иницијатива се разгоре и предизвика вистински хаос во европскиот фудбал.
УЕФА најави дека автоматски ќе ги суспендира Реал Мадрид, Милан, Ливерпул, Барселона, Манчестер јунајтед, Јувентус, Арсенал, Челзи, Тотенхем, Манчестер сити, Интер и Атлетико Мадрид.
Вкупно 8 од овие 12 клубови биле европски прваци, а ако се донесе одлука за суспензија и бришење на сите титули, тогаш Реал Мадрид ќе остане без 13 пехари, Милан без 7, Ливерпул без шест, Барселона без 5, Манчестер јунајтед и Интер со по 3, Јувентус со две и Челзи без единствениот пехар освоен во 2012 година.
Од правниот сектор на УЕФА веќе најавија дека се подготвува тужба против основачите на Суперлигата, а ќе се бара отштета од 60 милијарди евра.
Дополнително, казните за прифаќање, односно учество во Суперлигата ќе бидат суспензија од натпреварувањата на УЕФА, забрана за настап во домашните првенства, додека на играчите-членови на гигантите ќе им се одземе правото да настапуваат за своите репрезентации.
Во оваа фаза, ако продолжи битката што донесе вистински потрес во европскиот фудбал, најмногу ќе настрадаат Реал Мадрид, Челзи и Манчестер сити ако УЕФА остане со намерата да ги суспендира 12-те клубови веднаш.
Овие три екипи треба да играат полуфинални двомечи во ова издание на Лигата на шампионите на 27 и 28 април и на 4 и 5 мај, па можно е елитното европско клупско натпреварување да доживее вистински колапс.