Навивачите на Манчестер јунајтед со несоборлив аргумент ја погодија целта во отпорот што расте против формирањето на Суперлигата на Европа, што раководството на нивниот омилен тим и уште 11 европски гиганти ја прифатија како нов фудбалски проект.
„Во 1958 година ни погина цел тим за идеалот Манчестер јунајтед да игра во Европа. Со прифаќање на договорот да играме во Суперлига, целата историја се фрла во ветер за пари од сопственици на клубот што не знаат ништо за големината на Манчестер јунајтед“, изјави, Јан Стирлинг еден од претставниците на милионската база на навивачи на Црвените Ѓаволи.
На 6 февруари во 1958 година Манчестер јунајтед доживеа невидена трагедија на аеродромот во Минхен враќајќи се дома од Белград, по мечот со Црвена ѕвезда во тогашниот Куп на европски шампиони.
При полетувањето се случи трагедија, авионот се урна, а починаа вкупно 23 луѓе, поголем дел од нив фудбалери на Манчестер јунајтед. Во еден трагичен миг ја снема речиси комплетната гененрација на клубот позната како „Бебињата на Безби“ во една од најголемите спортски трагедии во историјата.
Отпорот против новиот проект на дел од европските гиганти да ја формираат Суперлигата расте со молневита брзина, а интересно е што речиси без исклучок навивачите на сите 12 клуба што досега се потврдени, а треба да ги има 20, се против на идеата нивните клубови да играат во ваква лига од 2024 година.