Реал Мадрид, Челзи и Манчестер сити се соочуваат со суспензија, поточно дисквалификација од Лигата на шампионите. Трите гиганти се меѓу полуфиналистите во најелитното европско натпреварување, но од вчера се и меѓу основачите на новата Суперлига која предизвика хаос во фудбалскиот свет, па затоа од УЕФА е најавено ново преземање на строги мерки и ригорозни казни.
Јеспер Молер, првиот човек на Фудбалската федерадија на Данска и член на управниот одбор на УЕФА, очекува до петок да се потврди казната за полуфиналистите со исклучување од Лигата на шампионите, што воедно индицира дека можеби титулата ќе биде доделена на ПСЖ како еден од полуфиналистите кој е против Суперлигата.
Полуфиналните дуели беа планирани да се одиграат кон крајот на април, односно реваншите во првата недела од мај, но сега е неизвесно дали воопшто ќе се одржат.
Арсенал и Манчестер јунајтед како полуфиналисти во Лигата на Европа исто така се меѓу великаните кои склучија договор за Суперлига, но засега не е изјаснет ставот околу нивното учество во второто по квалитет континентално клупско натпреварување.
Како што е веќе познато, УЕФА заедно со раководствата на топ 5 лигите во Европа планира да ги суспендира клубовите кои ја формираа Суперлигата со забрана за настап во домашните и меѓународните првенства, додека жестока е казната за неиграње на фудбалерите на интернационално ниво, со што последици ќе трпат Светското и Европското првенство.