Покрај тоа што е нормално да нема македонски клуб во групната фаза од фудбалската Лига на шампиони, за првпат во историјата сезонава нема да има ни телевизиски пренос на ниту една телевизија кај нас. Од денеска, па во следните десет месеци љубителите на фудбалот кај нас ќе мора да се снаоѓаат за да ги проследат средбите од елитната лига на УЕФА.
Химната на Лигата на шампионите најпрво ќе се слушне на двата легендарни стадиони „Камп ноу“ и „Џузепе Меаца“. Во 18.55 часот ќе стартуваат мечевите Барселона – ПСВ Ајндховен и Интер – Тотенхем. Денеска, но со почеток во 21 часот, ќе се одиграат уште шест средби, и тоа: Бриж – Борусија Дортмунд, Црвена ѕвезда – Наполи, Галатасарај – Локомотив Москва, Ливерпул – ПСЖ, Монако – Атлетико Мадрид и Шалке – Порто. Ова ќе биде промоција и на новите термини за почеток на мечевите. Досега натпреварите најчесто започнуваа во 20.45 часот, а сега терминот за почеток е поместен за 15 минути подоцна.
ДАЛИ РЕАЛ БЕЗ РОНАЛДО ЌЕ ЈА ПРОДОЛЖИ ДОМИНАЦИЈАТА?
Иако има 32 клубови кои ќе се борат за тронот, стандарден е кругот на фаворити. Шпанските гиганти Реал Мадрид и Барселона, Јувентус, Баерн Минхен и Ливерпул веќе имаат витрини со најзначајниот клупски трофеј, додека Манчестер сити и Пари Сен Жермен се екипите кои се надеваат на историски успех сезонава.
Реал Мадрид е клубот кој доминра и во последните три сезони е на тронот на Европа. Сепак, Кралскиот клуб летово претрпе две големи измени. Си замина тренерот Зинедин Зидан, а екипата ја напушти и првата ѕвезда, Кристијано Роналдо. Португалецот замина во Јувентус, и тоа со една основна цел, а тоа е „старата дама“ да стане европски првак.
Иако Роналдо ја смени средината, ривалството со Лионел Меси во ЛШ ќе продолжи. Меси е главниот адут на Барселона, која четири сезони по ред е елиминирана во четврт-финалето од ЛШ. Ланскиот финалист Ливерпул на стартот од сезоната покажува моќна игра во Премиер лигата и секако дека треба да биде меѓу фаворитите во ЛШ, a никогаш не треба да се отпише ниту германскиот првак Баерн Минхен.
МАНЧЕСТЕР СИТИ Е ПРВ ФАВОРИТ ВО SPORT LIFE
Според коефициентите кои ги нуди обложувалницата SPORT LIFE, прв фаворит за шампионскиот пехар е Манчестер сити. Англискиот тим никогаш во историјата не бил европски првак, но сега ја има улогата на фаворит. Коефициентот за првак му е 5.50. Зад „граѓаните“ следуваат Барселона и Јувентус со коефициент 7.00, а ПСЖ предводен од Нејмар е со коефициент 8.00. Актуелниот првак Реал Мадрид е на петтото место со коефициент 9.00. Групата фаворити ја заокружуваат Баерн Минхен (10 коефициент), Ливерпул (12) и Атлетико Мадрид со коефициент 13 за шампион на Европа.
Лигата на шампионите е пред самиот почеток, следуваат многу возбудливи борби и мечеви за обложување. На крајот, најдобрите две екипи на први јуни 2019 година ќе се сретнат на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.