Телевизиите го спасија Реал од исфрлање од Лигата на шампионите

По бурните неколку дена во фудбалот, претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА) Александер Чеферин вели дека најмногу е разочаран од првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели.

„Никогаш не сум видел некој толку да лаже“, рече Чеферин, а потоа откри дека само поради договорите за телевизиските права, Реал Мадрид нема да биде исфрлен од полуфиналето во Лигата на шампиони. Претседателот на Реал, Флорентино Перес, е креаторот на Суперлигата и најекстремно се залага за формирање на лигата на богатите.

„Мали се шансите да не се одигра полуфиналето меѓу Реал Мадрид и Челзи. Сезоната е во полн ек и телевизиите би барале отштета ако натпреварот не се одигра“, објасни Чеферин.

Од сите клубови кои го потпишаа договорот за Суперлига, Чеферин вели дека е среќен што англиските клубови сами се премислија и решија да се откажат од учеството, а најмалку се лути на Барселона, објаснувајќи зошто е тоа така.

„Вратата на УЕФА секогаш ќе биде отворена за сите, но одредени клубови ќе сносат последици. Сите тие се членови на нашата организација, но мојот однос со некои од тие луѓе нема да биде ист. Сите ме разочараа, но да речеме Барселона најмалку. Жоан Лапорта немаше ништо во своите раце и направи вистински потег со тоа што реши членовите на клубот да решаваат за се“, вели Чеферин.

 

- Оглас -

Најнови вести